
31-от Државен натпревар по Прва помош успешно одржан во Гостивар
На 20 септември 2025 година во Гостивар се одржа 31-от Државен натпревар по Прва помош, на кој младите ја демонстрираа својата подготвеност, знаење и вештини за укажување прва помош при симулирани сценарија на повреди.
Голема беше честа и задоволството Општинската организација на Црвен крст Гостивар да биде домаќин на овој многу важен настан, кој се одржа под покровителство на градоначалникот на Општина Гостивар, г-дин Валбон Лимани, со една возвишена цел – да се истакне важноста на знаењето, вештините и хуманоста.
На натпреварот учествуваа 10 екипи од различни градови, кои претходно се покажаа како најдобри на регионално ниво. Близу 350 волонтери, вработени и судии од општинските организации на Црвен крст демонстрираа знаења и вештини за укажување прва помош. Присутни беа и гости од Црвениот крст на Бугарија и Албанија.
На крајот од натпреварувачкиот дел, се одржа ревијален настап од страна на Територијалната противпожарна единица и Дирекцијата за заштита и спасување.
Во текот на целиот настан присуствуваше екипа од Итна медицинска помош со амбулантно возило.
На отворањето, Генералниот секретар на Црвениот крст на РСМ, г-дин Саит Саити, истакна дека Гостивар денес беше епицентарот на хуманоста, солидарноста и младоста. Првата помош не е само техника, туку култура и вредност која треба да биде присутна во секој дом и училиште, а вистинската сила се мери во подготвеноста да се помогне.
Министерот за здравство, г-дин Азир Алиу, посочи дека првата помош не е теорија, туку вештина која може да направи разлика меѓу живот и смрт, и дека младите ја носат оваа одговорност со храброст и енергија.
Градоначалникот на Гостивар, г-дин Валбон Лимани, нагласи дека Црвениот крст заслужува посебна честитка за истрајноста во организирањето на овие натпревари, бидејќи давањето прва помош може да значи повеќе дури и од тоа што лекарите можат да направат во критичен момент.
Претседателот на Општинската организација на Црвениот крст Гостивар, г-дин Бесник Зеќири, рече дека натпреварите не се само проверка на знаења, туку и мисија од животно значење, и дека вистински победници се сите учесници кои стекнале знаење што вреди повеќе од секоја награда – знаење да се спаси живот.
Резултати на натпреварот:
- место – ООЦК Центар
- место – ООЦК Карпош
- место – ООЦК Кочани
Забавен дел:
- место – ООЦК Гостивар
- место – ООЦК Гази Баба
- место – ООЦК Битола
Голема благодарност до нашите донатори: ресторан Вита Аби, Вардар Доломит, Али Маркет, ЕТЦ, Монтенегро маркети, Одеон, слаткарница Рекорд, кафитерија Мулири и Висион, кои со своите донации го поддржаа настанот.
Честитки до сите тимови за вложениот труд, знаење и хуманост, и благодарност до сите општински организации за учеството, дружењето и позитивната енергија што ја создадоа.
Младите уште еднаш докажаа дека со вложен труд, знаење, борбеност и посветеност може да се постигнат сите цели.
#првапомош #волонтери #младинацрвенкрст













































